Ана Бунтеска: Љубов со корења до центарот на земјата
Се љубеа како деца
баба ми и дедо ми
на старост љубовта млада им беше
како свежа изворска вода
а душите испреплеткани
како гранките од стариот лешник
ете таква љубов сакав
како нивната
со корени до центарот на земјава
со страст која избрчканата кожа им ја пеглаше
тој и’ береше трендафили од дворот
таа со раце полни нежност вратоврската му ја местеше
како стакла беа
се огледуваа еден во друг
потем дедо ми почина
канцер градите му ги изеде
едно утро го снема
остана само капутот обесен в подрум
и после 20 години на него мирисаше
а баба ми свена
заедно со трендафилите во дворот
умираше години после него
секој ден
тивко
полека
телото и’ беше здраво
ама душата, срцето, тие и’ оболеа
не се насмевна потоа
ниту еднаш
ниту прабаба кога стана
ден пред да умре
лешникот го исекоа
проклетиот, ги изнамачи луѓето
имаше корења до центарот на земјата.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стoјановски