Ана Бунтеска: Љубов завиткана во лист, натежнат од оловни букви

Добивај вести на Viber

Не ми е мене кичеста љубовта

украсена со светки и бисери

ниту скапоцени камчиња има на неа

а нема ниту многу зборови

ама од очите ми сјае

од усните ми се прелева

како вулкан

како лава во душава да имам

низ срцево ми шета

преку дланкиве излегува

лета низ косава

дива

нескротлива

обична

и толку многу чудна

не ја виткам

не ти ја пакувам во шарена хартија

со лампиони или мали отпечатени срца

ете

некогаш само така сирова ја вадам

со рацеве во гради нурнати

ја собирам

и на маса ја истурам

и нема боја

а свети како месечината

нема вкус

а заситува

ниту мирис има

а те тера да ја вдишеш

мојата љубов кон тебе е толку СЕ’

мирна како море во жежок летен ден

бурна како ноќите во кои телово ми трепери

сета клокоти

врие

руши се’ пред себе

а сепак никаква штета не прави

ете таква е љубовта

онаа што за тебе во мене лежи

која ти ја давам

која од себе ја вадам

и не

нема ниту панделки на неа да ставам

ќе ти ја завиткам во лист од весник

мојата чудна љубов кон тебе што тлее

во сосем обичен лист од весник

и низ него ќе пулсира

ќе ти се радува

ќе живее и свети

па макар завиткана во лист

натежнат од оловни букви

па макар свиткана во лист од некролог


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски