Ана Бунтеска: Меѓу срцето и умот
Заглавена насреде
Меѓу срцето и умот
Меѓу она што со тебе го сакам
И она што знам дека нема да го имам
Заглавена меѓу моите слабости
И твоите стравови
Та ни да мрднам можам
Ниту да претнам сакам
Во тишина која спокој не е
И синџир со катанец кој за тебе ме држи
А од кој клуч немам
Па си велам оти еден ден
Или пак само се тешам
Оти ете
Еден ден самото ќе си се каже
Па или срцево ќе се откаже
Или умов бело знаме ќе крене
И ќе знам кој пат да го фатам
Заглавена меѓу слободата на ЈАС
И таа слатка болка на НИЕ
Та ни за ваму сум
Ниту за онаму ме бива
Дур не почнат во исто време
И срцето и умот да ми врескаат
Без усул дека душава ми страда
А не ми останува ништо друго
Освен да стојам на местото
Каде што патот надве се дели
На средина
Каде што местото не ми е
Ниту назад
Ниту напред накај тебе
На патот меѓу она што за тебе ми пее
И она што од тебе ми крвари
Па се фаќам како никогаш досега
Толку силно не сум сакала
Времето пријател да ми биде
Та да забрза
Безглаво да киниса, сеедно каде
Или назад кон себе да ме врати
Или твојата врата ширум да ја отвори
Дур заглавена стојам
Меѓу срцето и умот
Чекајќи попаметниот да попушти
Чекајќи да ме викнеш
И да ми кажеш оти сепак сеедно не е
Дали со мене
Или без мене денот ќе ти врви
И ете ме
Ко збунета стојам
Чекајќи да го ставиш знакот
За да знам на кај да кинисам
И упорно стојам
Ко нозеве од железо да ми се
Ко улава
Ко попаметна работа да немам
Освен да чекам
Да те чекам
Заглавена меѓу себе и тебе