Ана Бунтеска: Ми фалиш

Добивај вести на Viber

Ми фалиш 

Некогаш малку повеќе

Од сите денови во кои те мислам

Или скришно во себе те спомнувам

Добро пазејќи името да ти го подголтнам

Ете

Ми фалиш

Дури не знам ниту што да ти напишам

За да опишам колку и како

Дал ѕвезди, месечини и сонца да наредам

Или тој дел да го прескокнам

Оти и онака ништо не ќе ти каже

Ми фалиш

Сега во овој миг

Кога тишината одекнува околу мене

Врзана во третиот ден од декември

И кога денот веќе уморен станува

И дозволува ноќта да го изеде со сласт

Дур не се засити

Дур не се умори

Ми фалиш

Толку многу некогаш ми фалиш

Што веќе не знам дали ме боли

И ич не знам дали фалењето рок има

Та да почекам уште некое време

За да можам на раат да дишам

Или дали може барем некогаш

Како на радиото тонот што го намалувам

Така и тебе во себе да те стивнам

Ми фалиш

Иако и двајцата знаеме дека без тебе можам

И дека времево исто си тера

Исто како што ти без мене можеш

Освен во оние мигови ретки

Кога сам со себе остануваш

За веднаш потоа од себе да ме избркаш

Гледајќи во нечии туѓи очи

А да знаеш дека....

Ми фалиш

И не дека ми е многу гајле

Дали и јас тебе ти фалам

Оти тоа ич не ќе ми помогне

Ниту некако ќе ми одмогне

Оти мене не ме мачи 

И сосем неважно ми е

Дал ме спомнуваш

И дал некојпат умот накај мене ти бега

Туку како мене да ми помини

И одејќи од тебе

Кај себе кроце да си дојдам

Сите конци кои за тебе врзана ме држат

Да можам наеднаш да ги пресечам

И да се правам оти ништо не ми е

Дур во мене одекнува

Ми фалиш

Ми фалиш

Ми....

За Женски Магазин, Ана Бунтеска