Ана Бунтеска: Ми рече платно да бараме

Добивај вести на Viber

Ми рече платно да бараме

Долго како најдолгата река

Широко ко небото над нас

Ете

Такво платно ми рече да бараме

Во бела боја стокмено

За на него љубов да извезиме

Со конци шарени и срма

Животот заеднички да го исцртаме

Та со него секоја ноќ да се покриваме

Чунки волшебно ќе е

За на лето ладовина да држи

А на зиме топло да ни биде

Како во приказна со среќен крај

Ми рече платно да бараме

Ти од исток кон запад да тргниш

Јас од запад кон исток да кинисам

За да се најдеме еден ден

И еден од нас платно да донеси

А другиот конци и срма в раце да носи

За да си ја украсиме среќата

Да се ќердосаме и дечиња да си имаме

Години и годиништа минаа

И многу рала чевли се искинаа

Ниту ти, ниту јас платно најдовме

А и она што го најдовме не го бендисавме

Демек ние двајцата без фалинки

Та платното не ни чинеше

И конците попатно се искинаа

Срмата сјајот го изгуби

И повеќе ништо исто не беше

Дури и кога еден со друг во очи си пулевме

Како туѓи сенки во нив да гледавме

Та си велам 

(а никако и тебе да ти речам)

Што ќе ни фалеше наместо платно

Две кошули да си имавме

И двајцата поскромни да бевме

Со малку душите полни да ни беа

Па заедно на пат да појдевме

А не ти на една, а јас на друга страна

За низ времето да се заборавиме

Од пуста алчност за платно широко ко небо

И долго ко најдолгата река на светот

Небаре толку широка постелата ни беше

Ми рече оти платно не се наоѓа

Под кое љубовта ќе ни ја собери

А јас пак само подголтнав

И во умот си велам 

(а не знам како и тебе да ти речам)

Дека за љубов голема ниту прекривка треба

Ниту конци шарени 

Ниту срма што болскоти

За љубов голема малку требаше

Само малку...само она што ти и јас го немавме


За Женски магазин, Ана Бунтеска