Ана Бунтеска: Мисла-градина цут

Добивај вести на Viber

Мисла-градина цут

Та од секоја по еден цвет

И во нив медовина од убост

Како нектар за најаска

Душа да наполни

Срце да осветли

А потем спокој

Диши-издиши

Полни гради свежина

И секоја клетка-живот

Та од животот да сплетиш приказна

Не обична и не приспивна

Туку некоја која ќе буди и разбуди

Која од кал ќе извлече

И покаже нов пат

Мисла-градина цут

Оти колку поголема градина

Толку поубави деној

И многу да сториш од малку

Од капка вода, бунар

Од ронка леб, погача

Од едно вдишување, небо

Од поглед, љубов за навек

Мислата-градина цут да ти биди

И коров во неа да не расте

Ниту сува трева која од сонце гори

Та да видиш убост што е

И како се’ мирис поинаков има

Да ти се чини оти и ноќта свети

А денот е ко тепсија пред тебе послан

Не треба многу

И не барај многу

Ни од себе

Ниту од другите

Колку поскромен си

Толку послободен ќе бидеш

Само умот спастрен да ти е

Како долапче полно азно

И за секој по едно паре таму да чуваш

Оти џабе се’ друго

Ако мисла-градина цут немаш

Во која ќе се родиш

Во која ќе живееш

Во која коски ќе ти закопаат


За Женски Магазин, Ана Бунтеска