Ана Бунтеска: моите уба’и, уба’и луѓе
Нејќам чурук луѓе
Да им го гледаш забалото
А во очите сонцето им згаснало
Ич ги нејќам таквите
Демек уба’и
Демек фини
А ко’ ќе те прашаат како си
Погледот им шара налево-надесно
Чунки гајле им е
И не им е
Не им е гајле ниту кој си
Ниту како ти е
Дал’ тежина на душата носиш
Или радост во срцето ти пее
Таквите милост немаат
Дур’ ни кон себе ја носат
Оти брана кај грлото си клале
Та нит’ да плачат можат
Нит’ да се кикотат со тебе
Такви многу изникнаа
К’о пиреј
Така баба ми покојна велеше
„пиреј-луѓе, кај не ги садиш, таму ќе ти никнат“
А мене троа страв од нив ми е
Оти јас кавгаџиите си ги сакам
Та и плачковците
И оние кои дур’ смеата им гргори
Земјата околу ѕвони
Тие, таквите мои се
Уба’и
Со милост во ликот
Ко’ ќе те погледнат
Ти се чини дека на облаци лежиш
Меко ти е и топло
А ко’ ќе те изгушкаат
Ех
К’о во висока трева зелена да се тркалаш
Мирисаат уб’о тие луѓе
На спокој и арнина
Оти и арнината мирис има
Исто к’о лошотилакот
Ама тој смрди на гној
Смрди на душа расипана
На нешто ш’о те тера подалеку да бегаш
Моиве луѓа сите уб’о мирисаат
Зато ко’ ќе ги гушнам да плачам ми иде
Од радост
Од среќа
Од ш’о ми се чини оти дома сум си дошла
Таквите Господ и Универзумот да ми ги поживее
Таквите
Моите уба’и, уба’и луѓе
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска