Ана Бунтеска: Моите убај, убај луѓе

Добивај вести на Viber

Неќам чурук луѓе

Да им го гледаш забалото

А во очите сонцето им згаснало

Ич ги неќам таквите

Демек убај

Демек фини

А ко ќе те прашаат како си

Погледот им шара налево-надесно

Чунки гајле им е

И не им е

Не им е гајле ниту кој си

Ниту како ти е

Дал тежина на душата носиш

Или радост во срцето ти пее

Таквите милост немаат

Дури ни кон себе ја носат

Оти брана кај грлото си клале

Та нит да плачат можат

Нит да се кикотат со тебе

Такви многу изникнаа

Ко коров

Така баба ми покојна велеше

“коров-луѓе, кај не ги садиш, таму ќе ти никнат”

А мене троа страв од нив ми е

Оти јас кавгаџиите си ги сакам

Та и плачковците

И оние кои дур смеата им гргори

Земјата околу ѕвони

Тие, таквите мои се

Убај

Со милост во ликот

Ко ќе те погледнат

Ти се чини дека на облаци лежиш

Меко ти е и топло

А ко ќе те изгушкаат

Ех

Ко во висока трева зелена да се тркалаш

Мирисаат убо тие луѓе

На спокој и арнина

Оти и арнината мирис има

Исто ко лошотилакот

Ама тој смрди на гној

Смрди на душа расипана

На нешто шо те тера подалеку да бегаш

Моиве луѓа сите убо мирисаат

Зато ко ќе ги гушнам да плачам ми иди

Од радост

Од среќа

Од шо ми се чини оти дома сум си дошла

Таквите Господ и Универзумот да ми ги поживеј

Таквите

Моите убај, убај луѓе



За Женски Магазин, поетесата Ана Бунтеска