Ана Бунтеска: молкот љубов не е
Не е љубов чупче ако не се караш
и да премолчуваш ко да не се случило нештото
не е љубов да ја веднеш глата демек се сложуваш
а внатре во затворената уста лоши зборој
да се прпелкаат
не е љубов да се правиш оти ништо не ти пречи
и оти што и да е, ти простум ќе го минеш
лажењето љубов не е
ниту пак некогаш ќе биде,
викај!
Викај и карај се
ако нешто не ти чини да кренеш џева
да се искараш со него и ич да не ти е гајле
да си кажеш и отров во душата да не збираш
оти еден ден и ти и тој ќе се задушите од изголтани
зборој
и ќе се отруете од бесот кој сте го збирале
оти еден ден ко лавина сè низ планина ќе тргнe
и нема тука сопирачка
нема усул поjќе
полоша лавина од куп грди зборови нема чупе
затоа не чувај бес во себе
и нему да му кажеш да не ти ќути
и да не ти се плаши ич
и да викате еден на друг
да си олесните на душите и зло во себе да не збирате
и да се искарате страшно не е
дур’ навечер заедно си легнувате
и лице в лице свртени заспивате
а дланките една во друг ви се пикнати
и здивојте ви се мешаат
не е љубов ако не се караш
ами љубовта широка и голема е
знае да простува и да се извинува
знае покорно на колена да падне
и знае гла’ата гордо горе да ја крене
ама љубов не е ако се молчи
и не е љубов ако в очи се гледа и се лаже
не е љубов ако зад насмевката песјаците ги остриш
ниту ако зад милиот збор сабји криеш
не е љубов ако медовина подаваш
со раце во отров натопени
пиле
чупе мое
љубов е кога вистината од уста ти се тркала
и тогаш кога знаеш дека скапо ќе те чини
љубов е кога ќе го пуштиш да си оди
оти знаеш дека среќа нема да му донесеш
љубов е кога ќе му поможиш да те заборави
иако ти цел живот ќе го памтиш
љубов е кога срцето ќе му го дадеш неосетно
за да не му стои во умот дека мора да го чува
и кога еве вака песна ќе му напишеш
со надеж оти ќе знае и ќе препознае
пиле мое, чупче мое уб’о
не е љубов ако во неа те нема
ниту пак ти си ако љубов во себе не носиш
и кратко е времето
пусто, целиот живот кус е
та секогаш ти фали уште една година или две
уште барем еден миг за ова или она да направиш
зато љубовта не мери ја
и на кантар не клавај ја
и дај му ја к’о ш’о во тебе седи
без да ја украсуваш и пакуваш
ете така шлапни му ја в лице
со гушкање и бакнеж
и признај му оти терсене си и таква ќе бидеш
ама оти сè шо ќе направиш со душа ќе е
и со сето срце внатре
оти тоа љубов е, пиле мое
тоа љубовта е
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски