Ана Бунтеска: Можеш ли да ме ВИДИШ?
Сакам да ме видиш,
но не,
не да ме погледнеш како сега,
туку да ме ВИДИШ,
да ги видиш сите бои од кои сум создадена,
кои ми вријат низ вениве.
Црвена,
не заради бојата на мојата коса,
туку страста ми гори во црвено,
љубам во црвено,
во црвеното умирам додека го извикувам твоето име,
во црвено срцето за тебе ми чука.
Зелена,
ах, клише е заради бојата на очиве, не,
во зелено ми се сните обоени,
во зелено те нурнувам кога душата ми се распаѓа од нежност,
малата Ана си игра во зелениот замок,
во зелено ми свети радоста.
Сина,
сината е за танцување,
во сино дишам и со рацете цртам кругови во воздухот,
во сино ми светат стаклените чевличиња
додека кокетно доаѓам накај тебе,
во сино те заведувам.
Црна,
не заради зениците во кои сите ноќи внатре се собрале,
ниту заради тагата која со векови ја носам,
која ми го јаде телото,
ниту пак заради солзите со кои ги исплакувам кошмарите,
дур не ми пресуши црната.
СТОП!
Не сакам за црната да зборувам, не сега, не во оваа песна!
Сакам да ти раскажам за виолетовиот копнеж,
портокаловата смеа,
жолтиот трепет на исчекувањето,
сакам да ти раскажам, сакам, а кажи ми,
можеш ли? можеш ли да ме ВИДИШ?
За Женски Магазин, Ана Бунтеска