Ана Бунтеска: Музичка кутија

Добивај вести на Viber

Распори ми го телото, зариј ги ноктите,

расчеречи го, отвори го,

ѕверски, со животинско бревтање,

со сладок бол, онака како што само ти умееш.

Распори ме, еве и со збор,

поглед, бакнеж или допир,

сеедно ќе е, само распори ме

и побарај внатре музичка кутија.

Да, продри во мојата јалова утроба

издлаби ја со рацете, нурни ги во мене,

и најди ја, најди ја

проклетата музичка кутија.

Не се грижи, можеш и подлабоко,

не боли, повеќе ништо не чувствувам,

можам дури и да и’ се потсмевам на болката

дури ми буричкаш и ровариш низ телово.

Ах, слушам удар по лим,

банално би било да речам дека е тоа моето срце,

оти моето срце е топло, меко, треперливо и нежно,

доволно нежно за љубов, доволно силно за збогум.

Но, да го оставиме настрана моето срце,

срцето е и онака преценета работа,

никој аир од него не видел,

фокусирај се, музичката кутија ја бараме.

Лим, да таа е,

уф, знаеш дека сум гадлива,

дури и од сопствената крв ми се наткрева желудникот,

иако пречесто на прстиве сум ја гледала.

Убаво измиј ја и донеси ми ја,

стави ја под силен млаз жешка вода,

ете така, исчистена низ рацеве ја вртам,

сум заборавила колку е убава, светла, мазна, со префинети шари.

Полека ја отворам со треперливи прсти,

ах, порцеланска балерина би била клише-повторно,

внатре нема ништо, зјае празна, нема е

како што е немо и моето срце.

А не беше отсекогаш таква, како да паметам музика,

како да паметам разнобојни стакла кои се прелеваа на светлина

и не знам дали навистина паметам или само сакам да е така,

сакам да верувам дека некогаш мојата душа беше полна и светла.

Душа?! од каде сега душа?

пардон, кутија, зборуваме за една обична, глупава музичка кутија,

впрочем, се’ останато би било само едно тажно,

тажно и уморно клише.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска