Ана Бунтеска: На две

Добивај вести на Viber

Ме подели на две

како со нож пресечена

како јаболко

како дрво исцепено

за напуштено огниште

душава на две ми ја раздели

едната половина која ти се радува

другата која од тебе да избега сака

а срцево

ете и тоа на две ми е

од едната страна страст клокоти

а болка од другата

низ вениве што струи

мисливе покосени ми се

собрани во китки две

оние среќните како на дете

и оние полни “стоп”

војна во мене

полна жртви

страв

сомнежи и желби

надеж и каење

ти и јас

ден и ноќ

црно и бело

а во црното напипувам

дур во белото сум изгубена

како без цел

во лавиринт лутам

и не знам кој пат да го фатам

а на истото место

кај тебе се враќам

и дур усниве ми се извиваат

во плач или насмев, сеедно

од едното око љубовта за тебе ми сјае

а во другото солза...за мене, за мене


За Женски Магазин, Ана Бунтеска