Ана Бунтеска: На крајот ќе останат спомените
На крајот ќе останат спомените
Како чоколадни бонбони
Свиткани во светликава хартија
Расфрлани без ред во кристално чинивче
Како оние кои се само за гости
И на кои рокот им минува
Оти домот празен ти зјае
Та одвреме навреме земаш по некоја
Прашувајќи што ќе ти се падне
И со замижани очи пикаш в уста
Троа со страв и возбудливо исчекување
На крајот ќе останат спомените
Наредени во умот по боја
Како тазе испрани блузи во плакарот
И веќе не знаеш која е тесна за носење
Или која молци ја нагризале
Ама не ти текнува да ги фрлиш
Оти ќе се најдат за нешто
Можеби и како исечени крпи
Со кои правта ќе ја забришуваш
Без никакво каење или емоција
Како никогаш и да не биле твои
На крајот ќе останат спомените
Подредени по мирис
Како парфемите на полицата
Од кои секогаш првиот е оној
Кој најмалку го сакаш
Ама секогаш од него ставаш
За да се истроши поскоро
Да го фрлиш шишенцето
И никогаш повеќе да не го купиш
Дур за некој роденден кој не го славиш
Повторно ќе ти го подарат
На крајот...
На крајот секогаш остануваат спомените
И силно за нив се држиш
За да не заборавиш која си
Да не те одвее ветрот
Да не си го изгубиш коренот
Ниту здравиот разум кој полека те напушта
И си велиш дека добро е што ги имаш
И што низ умот ти се тркалаат
Како џамлии во разни бои
Спомените за него и за себе со него
Кои остануваат...кои не умираат
За Женски Магазин, Ана Бунтеска