Ана Бунтеска: На закоп
Повторно истиот сон го сонив,
оној во кој сите останати сни ми умираат,
па ужалена сета на закоп сум,
во црно облечена, со бисерно бели чевли и ракавици.
А сосем наивно секојпат почнува,
со невреме, црни и тешки облаци,
а на душава убаво, со сладок немир низ ветрот стојам,
дур во косата дождовни капки ми се топат.
Стојам така, со раширени раце и лице кренато кон небото,
околу мене молњи удираат, со страотен тресок,
и не, не чувствувам страв,
оти знам дека сум безбедна, од дождови и секавици создадена.
Во телово трепет од исчекување,
срцето ми чука како секој миг да ќе излета од градиве,
слушам како ми цвили ветар низ коскиве,
како ме поткрева од земја, дур во мене одекнува вресок.
И наеднаш...тишина, СТОП!
како некој да ми ја сече лентата и ми лепи нова,
некоја која не сакам да ја сонувам, не сакам да ја знам,
а не можам да се разбудам, да се ослободам од стегањето во градиве.
Еве сум сега кај што стојам на гробишта,
гледам удолу, сенката ми жари врз купишта земја
и знам по тоа дека е припек, иако ништо не сеќавам,
како сите сетила да ми отишле во неповрат.
Малку збунета сум, чиј е овој закоп,
не знам дал гласно да плачам или само да потшмркнувам во шамивче,
а срам ми е околу да се вртам и да прашувам,
оти на закопи не се разговара многу-многу.
И дур се мислам што да правам, забележувам дека носам бели чевли,
јас која со белата боја цел живот сум скарана,
а и ракавици носам...јас, која ниту во зима ракавици на себе не ставам,
а и тие бисерно бели, небаре болнички се.
Почнува смеа да ме фаќа, па во сонот си велам,
ех, Ана, на сон што се’ нема да облечеш или соблечеш,
туку види на чиј закоп си, да го погребаме човекот,
па да се вратиме на претходниот сон, оној убавиот.
Само што се кандисав да прашам околу мене кого закопуваме,
чувствувам благ допир по рамото и се вртам,
а пред мене жена со орелски нос и избраздено лице,
со тивок глас вели “сочувствствувам со твојата загуба”.
Зад неа еден маж висок и крупен, ете и тој,
со чуден пискав глас во кој има доза на сожалување,
ми вели “жал ми е” и ги покрива очите со едната рака,
дур со другата до бол ја стега мојата.
И така река луѓе, а мене ништо не ми е јасно,
оти знам дека сите блиски ми се живи и здрави,
па една позната, што сум ја сонила во друг сон, набрзина ја прашувам,
да ми каже, да ми објасни зошто сум демек ужалена.
Вели “ти ги закопуваме соништата, многу ги имаш,
а и сите ти се дождовни, една капка не остави за другите,
суша фатија нашите, та решивме да ти ги убиеме,
со последна почит да ги испратиме”.
И некако, иако е малку чудно, мене ми е совршено јасно и логично,
оти во соништата ете се’ е можно, дури и убиство на истите,
дури и на закоп да им одиш, ама не ми е јасно,
само тоа ме мачи, како овој сон ќе заврши.
Оти еве, години минаа, ноќи се изредија, а јас уште истово го сонувам,
па од досада во сонот низ гробиштата шетам, надгробни плочи читам,
дур еден ден и јас не умрам во сонот, сета во црно облечена,
скоро сета, освен (каква иронија) бисерно белите чевли и ракавици.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Претходната песна на Ана ја имате ТУКА