Ана Бунтеска: Над ова небо
За тебе, драги мој,
можам телото да го распорам
та горниот слој од кожава да го слечам
однатре сите стихови да ги извадам
рацете со нив да ти ги наполнам
како на дете шеќерна волна
на дланките залепена да ги оставам
за да сонува во боја
со сласт во устата.
Еве,
за тебе можам
буквите без ред
во воздух да ги расфрлам
без ниту за една од нив да зажалам
и во себе себично да ја зачувам
за да се најде некогаш за некоја песна.
Ете,
сите букви разиграни
отаде секое виножито
во ќупови ко алтани ќе ги наредам
жолти парички за секоја дума ќе ти покажам
и во онаа мојата зелена – љубовна
во неа сиот ќе те искапам
над ова мое небо
од мисли ѕвезди нижам
а под него
цел свет на тебе мириса
мечти за тебе редам
и во рацете сите клучеви
од моите одаи ти ги давам
смирено и со верба во тебе
како пред себе стојам
за да ме накитиш
со твојата пот и семе
со нив кругови однатре да исцрташ.
Итам,
гледај ме како итам
безглаво кон тебе.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска