Ана Бунтеска: Насмеана си душо моја
Насмеана си душо моја
и во толпата одлично се снаоѓаш
весело разговараш на сите теми
вртејќи ги зборовите вешто како жонглер
кому топчињата никогаш од раце не му паднале
освен, освен можеби делови од животот
кој го составуваш по неколку пати во денот
и секој пат ко ќе го натокмиш
излегува дека имаш вишок делови
знаеш, како секој поправен апарат
и се прашуваш дали еден ден
ќе успееш да се составиш од едно големо НИШТО
еве си душо моја
насмеана во усните и тага во очите
со тој црвен кармин чија нијанса одлично ти стои
го топиш во црно вино за да може срцето да ти се обои
и со кралско движење на раката косата си ја местиш
небаре даваш некому благослов
и пееш, ах пееш како никогаш досега
ѕвониш и гласот ти е мирен како мајчина рака
ама душата, ете таа ти знае
таа ти трепери како по жица да одиш
а удолу амбис кој право во очи ти гледа
и колку погласно пееш, толку подлабоко нуркаш
и само едно лесно движење те дели од онаму, долу
па заќутуваш и трепнуваш неколкупати
отпочнуваш неврзан муабет без никакво значење
ја земаш ташната која наликува на куфер
во која освен шминките и паричникот
си ги чуваш и спомените за сопствениот мир
и еве си, чепркаш по несесерот со навезени пилиња
несвесно со прстот ги галиш како да ќе оживеат
ги мамиш да ги отворат клуновите
ете барем тие да го кажат она што го има премолчено твоето пиле
она што ти седи замолкнато во градите, во срцето
и еве си, повторно насмеана
со чашата во рака наздравуваш
проклетство, ќе пиеме за животот а за нас по смртта ќе пијат
и знаеш дека силна си и ова да го истуркаш
дека плеќите ќе ти го искрепат и овој товар
и дека што и да е, добро ќе е
ма по ѓаволите се’ да оди, добро ќе си
и ќе пееш повторно
но овојпат навезените пилиња во ташната ќе ти спијат
а ќе пееш заедно со она што во срцето од раѓање го носиш
со отворени дланки и душа распослана ќе седиш
спокојна во силата која во секое ковче ја носиш
душо, душо моја
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски