Ана Бунтеска: Наспроти сиот мој молк
Наспроти сиот мој молк,
сакам да ти зборувам,
за себе, за моето чувство за тебе дур те гледам,
за сите мириси кои во мене се збрале, а твои се,
за вкусовите кои ми седат во умот, а твои се,
за боите со кои душава ми ја боиш.
Наспроти сиот мој молк,
сакам да ти се дадам,
ете, целосно и без задршка, а своја да останам,
без да мислам на тоа дали бол ќе ми нанесеш,
без чувство на срам или стегање на срцето,
тогаш кога ми доаѓа да ти речам “сакај ме”.
Наспроти сиот мој молк,
сакам самотијава со тебе да ја делам,
да молчам дур до мене си и дланката во мојата ти е,
преку тишината да ти кажам дека душава од стакло ми е,
да ја раздробам и дел од стаклената прашина тебе да ти дадам,
сочувај ја, без твојот дел никогаш цела не ќе е.
Наспроти сиот мој молк,
во кој живеам и безбедна и силна сум,
сакам сета кревкост пред тебе да ја постелам,
нежноста збрана во прстиве тебе да ти ја дарам,
сите бакнежи векови чувани да добијат име,
а телово твое нека е, ако срцево ми го сакаш.
Наспроти сиот мој молк,
стоиш ти, од моите желби исткаен,
те препознавам, небаре од други животи те паметам
и немам којзнае што да ти дадам,
освен себе, срцево и сите пишани зборови,
кои од мене до тебе лесно истекуваат, наспроти сиот мој молк.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска