Ана Бунтеска: Не е лесно да се умре
Често размислувам за смртта,
како стареам се’ повеќе,
ми стои помислата некаде во умот,
затскриена зад живеачката.
И да се разбереме,
не се плашам од умирање,
ме загрижува нешто друго....
Закоп...
ако е денот врнежлив,
не е убава сликата на црни чадори,
калливи чевли и водени чорапи,
иако закопот сам по себе не е убав,
а и клаустрофобична сум,
идејата за ковчег ми е како кошмар,
што ако се разбудам?!
Или пак...
еве, дури и да не се разбудам,
телото ќе ми се распадне, ќе изгние,
ќе останат забите, косата и купишта коски.
Не...не сакам така.
Вода...
телото во вода да ми го фрлат,
да потонам во длабочини,
гозба за рибите да бидам,
а јас дури и не јадам риба!
Не...не сакам ниту така.
Да ме запалат...
се плашам од оган,
чрчорење на месото,
мирис на изгорена коса.
Не...
Сакам полека да исчезнувам,
да станувам прозирна,
полека да бледеам,
воздушесто и нежно...
Некако тоа ми е најприкладно за умирачка,
за мојата умирачка.
Да ме снема неприметно,
без помпи,
чадори,
кал,
вода и оган,
без докази за постоењето...
Освен оваа песна за смртта.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска