Ана Бунтеска: не кажувај му лаги на чо'ек
Не кажувај му лаги на чо’ек
Не труј го, душата не погани му ја
Оти тешки се лагите
Како во чаша полна уб’о бело вино
Долу тонат и се таложат
И со секоја нова виното истекува
Та после чо’ек пие само отров
Не му лепи на чо’ек лаги во душата
Оти бисери му земаш
А внатре ќумурчиња му клаваш
Му зацрнуваш она што од Господ бело му е дадено
Та си го зацрнуваш и срцето свое
Поголема болка од лагата нема
И нема бела лага, ниту полубела
Таа леб не е од мешано брашно
Нема лага за добрина кажана
Оти чо’ек колку и да сака некојпат излажан да биде
Кусур ќе ти фати еден ден
А на лагата само лага се лепи
Та еден ден веќе и не знаеш каде отишла вистината
Немој
На чо’ек лаги не кажувај му
Вистината намести му ја како чиста постела
И во неа со сета љубов и почит спростри ја
Со милост во очите зборот изусти го
Ама да знае оти не е кажан за да го боли
Оти лагата е к’о пелин во шербет удавен
Та низ уста к’о ќе вртиш, ќе згорчи
И да го плукние
Пак вкусот ќе ти остане
А после и мед на чо’ек да му да’еш, џабе е
Не ќе ти верува
Ниту пак ти ќе му веруваш
И сомнежите само ќе останат
Како црвје да глодаат
Низ утроба да ти се шетаат
На чо’ек лага не се кажува
Ниту со неа да го храниш треба
Ниту пак да го поиш
Поарно дај му трошки од вистината
И неколку капки искреност
Појќе ќе го крепат
Отколку со лажење да го најадеш и напоиш
Оти ниту ќе се најаде
Ниту жедта ќе му ја згаснеш
Оти лагите се к’о сол да јадеш
И никогаш од нив ќар немаш
Имај кон чо’ека почит
Милост имај и љубов
Како кон сам себе што треба да ја имаш
Каква што сакаш и тој кон тебе да има
Та гледајте се преку вистината
И ти поубав ќе бидеш
А и тој отспротива поуб’о ќе ти свети
Само на чо’ек не кажувај му лаги
Ниту нему, ниту сам на себе...ниту сам на себе
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска