Ана Бунтеска: Не ме допирај...

Добивај вести на Viber

Не ме допирај...


никогаш повеќе не ме допирај,


оти кожава ми гори однатре,


оти туѓите допири се жилети од кои,


едната половина ми е зариена во месо,


а другата арогантно штрчи вон мене.


Ги носам сите како накит да носам,


како невеста украсена со злато, ете така ги носам,


небаре ми го красат телото,


ги носам оти немам ништо друго да ставам на себе,


освен нив,


како единствен доказ дека сум жива.


И да...ме болат, печат,


пулсираат без престан,


душата како во окови ми се стега,


па се тргам подалеку од се’,


од сите дланки кои можат бол да ми нанесат,


од сите нежности кои се само залажување.


Некогаш си дозволувам луксуз и крварам,


само за да се потсетам,


само за да можам за миг да бидам човек,


да не се плашам од тоа да чувствувам,


да не се тргам од топлина на нечие тело,


а знам....знам дека потоа проклето ќе платам.


Потоа како пес раните си ги лижам,


стуткана во некој темен ќош во самотија,


со ветување дека  “последен пат ќе е”


и свиено тело,  цвилење како рането животно,


со суви очи и полни гради вресоци,


со желба за да ме нема.


Не ме допирај...


никогаш повеќе не ме допирај,


оти не знаеш дека со допир во срцето жилет ми ставаш,


со само еден, за тебе безначаен допир,


во мене умира секоја верба...


не ме допирај...


ќе те допрам јас,


кога ќе го посакам крајот.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Мери Бошкоска