Ана Бунтеска: Не ми ги љуби зборовите

Добивај вести на Viber

Не ми ги љуби зборовите,

не ми ги читај песните,

тоа не сум јас,

тоа е некоја друга која одамна умира во мене.

Немој, не ме читај,

само бол ќе ти донесам,

друго и немам што да ти дадам,

не сум она што го замислуваш и посакуваш.

Проклет да си,

не барај ме во песните,

само лушпа од мене остана,

само сеќавање на она што сакав да бидам.

Немој зборовите, не се барај во нив,

ниту еден не е за тебе,

ниту еден не е за мене,

сите се само ветар и магла, само желба и мирис.

Не ми сонувај зборовите,

оти јас од нив само кошмари имам,

ме прогонуваат и на јаве,

сите песни во мене прегореа.

Не ме чувствувај блиска по нив,

тие се само ехо кое еден ден ќе умре со мене,

спаси си ја душата дур можеш,

но не преку песниве, не преку нив.

Тие се моите чеда,

моите неродени ќерки,

моите болки и лузни,

тие се мојот живот и мојата смрт.

Проклета да сум,

ниту една за љубов не напишав,

ниту една на која и’ се насмевнав,

ниту една која за себе ја посакав.

Немој,

не ми ги љуби зборовите,

ниту песните читај ги,

не можам на душава и твојата смрт да ја носам.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска