Ана Бунтеска: Не можеш да ме казниш
Не можеш да ме казниш
Ниту приближно од она
Сама на себе што можам да си го сторам
Та и да ме камшикуваш
Само на кожава лузни ќе оставиш
Без ниту малку да ме заболи
Колку и силно да замавнеш
Или со збор да сакаш да ме понижиш
Со грубост да ме нагостиш
Ништо не ми можеш однадвор драги мој
Оти она што јас себе
Сум си го сторила
Мајсторски и хируршки прецизно
Ни на сон не може да ти дојде ко мисла
Оти до мене нема да допреш
Оти внатре и онака е разрането
До коски и клетки искасапено
Од умов што ваков ми е
Од стравот кој во себе го носам
Да не дозволам љубов да видам
Ниту во себе да ја пуштам
Не можеш да ме казниш
Ниту со поганлаци кога фрлаш
Ниту со марамава на вратов
Дур полека ко јаже ми ја стегаш
И пред тебе на колена
Ме тераш да клечам
Оти чоек кога умрен однатре е
Секоја болка однадвор
Само гозба му е
Колку да знае дека жив е
И ќе клечи
И глата сведната ќе му биде
Оти налет
Само тело е
Дотаму ќе стасаш и ниту педа
Колку и да сакаш да удриш
Секојпат ударот од мојата рака
Повеќе и подолго ќе боли
Та можеби е време
Раце од мене да крениш
Како гостин на претстава
Во прв ред да седниш
И само да гледаш
Со пијачка в рака
И некоја мала закуска
Без со прстот да мрднеш
Без да се трудиш
Без мака
Само да уживаш
Во мојата болка
Како со љубов да те гоштевам
Како со себе
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска