Ана Бунтеска: Не му се опирај на ветрот
“Замижи
ко дува надвор замижи чедо
и не му се опирај на ветрот
не бадијала дува
крени ја глата тогаш
угоре
високо
и очите затвори ги
а дланките отвори ги
прстите ширум да ти бидат
низ нив да ти врви
дај му се на ветрот
дај му од земја да те крени
нека ти прај промаја под нозете
и вервај му
оти ветрот никогаш бадијала не дува
оти време му е за да исчисти
и мисли лоши
од умој што везден работат
во душата јадој насобрани
сета нечистотија со себе да ја земи
и некаде на друго место да ја однеси
таму да ја спастри
молкум
без прашања
ветрот знај чедо
тој знај она што луѓето не го знаат
кога да дувни
и после да стивни
сам од себе да се изгуби
и зад себе чисто да остај
како жена домаќинка куќата ко ја чисти
та после свети
така и умот ќе ми ти светни
и душичето
срцето ќе ми ти се смири
оти после бура сонце иди
така и мајка ми
прабабата твоја велеше
не бегај од ветар
ниту од дожд да се криеш
оти тие можат нешто што и сама не ќе можиш
да исплакнат
да стивнат болки
зато само замижи
ко дува надвор замижи чедо
и со радост дочекај го
и потем со благослов испрати го
оти тој знај
некогаш само ветрот знај како од себе да те залечи”.
За Женски магазин, Ана Бунтеска