Ана Бунтеска: Не се допираме...
Не се допираме...
си ги мелеме месата
со ширум отворени вилици
наострени заби
жедни за крв
гладни за туѓата болка
се гледаме со сечила во очите
преку стакла
заматени
замастени
како полудени
како изгубени
Не се допираме...
далечни во мислите сме
со умови како вреќички чај
попарени од надежи
од солзи натежнати
по душите се касаме
со змиските јазици
по љубовта си удираме
а во погледот ни зјае
како јама
во која ништо нема
освен ехо од воздишки
Не се допираме...
со само неколку сантиметри
дур еден пред друг стоиме
далечни сме
светови меѓу нас
и нови се раѓаат
а во нив ниту ти
ниту пак јас сум
не правиме место еден за друг
оти само болката си ја постиламе
и за оној другиот место не останува
од што ќори во срцата сме
Не се допираме...
оти со допир се распаѓаме
и еден пред друг на коленици паѓаме
и сите бедеми се рушат
а светот запира и тишина е
без клокотот на бесмислени прашања и одговори
и тогаш како бршлени се виткаме
душите со мирисот на другиот си ги обвиткуваме
и со секој обид да се одвоиме- крвариме
дур грчевито еден од друг се туркаме
со налудничава мисла
дека ако љубовта си ја убиеме ќе преживееме
Не се допираме...
За Женски Магазин, Ана Бунтеска