Ана Бунтеска: „Не врти се назад”
Некојпат ми доаѓа да те побарам
И кога гласот ќе ти го чујам
Само кротко да ти шепнам
“не врти се назад, ајде да се обидеме пак”
Без да се пазарам кој згрешил
А кој од нас во право бил
ниту за грешката некој тепан ќе е
Ниту за другово орден се добива
Та во оваа глува самотија
И двајцата ко под казна сме
Ама пуста горделивост не дава
Чекор еден накај друг да сториме
Некојпат си велам
Налет и да си ми згрешил
И налет ако со нешто сум те боцнала
Оти што и да сме си кажале
Срцата поинаку мислеле
А душите сепак ни се љубеле
Та не знам дали вреди
За нешта кои и онака ќе ги заборавиме
Грб со грб до гроб да си бидеме
Некојпат Ете некојпат си велам
Дека ако доволно долго
На тебе мислам и од ум не те вадам
Дека на сон ќе ме пуштиш ко гостин драг
Па ќе можам да се расприкажам
И се’ да ти раскажам
Што на јаве ете не можам
Па можеби ко ќе пркне денот
И очи ќе отвориш
И ти ќе си речиш “налет вака да е”
И ништо друго освен мирисот мој
Нема важно да ти биде
И во сиот наш немир
Споменот за мене спокој ќе ти биде
Без кусурење и поткусурување
И без кантари и премерување
Некојпат Кога храброст собирам
Па твојот број го бирам
Со треперливи прсти и срцебиење
А од другата страна слушам само
Едноличен звук кој како во ритам пее
“обиди се подоцна, подоцна обиди се”
Си велам дека можеби во тој миг
И ти мене ме бараш
И дека сепак уште сме врзани
Со сила која немерлива е
И која знае во вистинскиот час
Прстите меѓу нас да ги замеша
И на секој од нас абер да му стори
“не врти се назад, не се обидувај пак”
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска