Ана Бунтеска: небаре сум во претплата со животот
Во осамата
во неколку реда од неиспишани мисли
и твоето отсуство во оние другите, испишаните
се враќам на себе
полека
без брзање
небаре сум во претплата со животот
се враќам наназад како на забавена снимка
попатно собирајќи она што испуштив
ситни стакленца од скршени огледала
во кои ме нема
во кои те нема
прашинки издробена среќа
кои уште мирисаат на печени јаболки
во осамата
таму се наоѓам
таму на себе се потсетувам
местејќи ги искривените делови
полека и нежно
небаре кревки гербери местам во вазна
да заличи
да заличам
сама на себе убава да си бидам
и сето време во себе мрморам
“кроце Ана, само кроце”
дур со прстиве пофаќам нишки
од расфрлани прамени коса
кои лизгаат како дождовни капки
ништо не гори повеќе од враќање на себе
ништо повеќе не боли од изодување на тој пат
трнлив
нерамен
со крвјосани коленици
а изборот е твој
дал ќе се такви од молење или од борба
ништо
ништо не убива повеќе од душата во дланки ко си ја гледаш
и знаеш дека е само миг на одлука
само еден мал миг дали ќе ја вивнеш угоре
или ќе ја столчиш
во осамата
во сето испишано
во сето премолчено
на сиот бол
и сета среќа
почнуваш повторно да се тетеравиш
како дете кое зачекорува
кое паѓа
и повторно се крева
чекори
кон себе чекори
се враќа за да има каде напред да оди
ко дете
ко првпат заодено
кон себе
кон осамата
и во осамата
кон себе
За Женски магазин, Ана БунтескаФото: Стојан Стојановски