Ана Бунтеска: Некогаш посакувам...
Некогаш посакувам се’ да заборавам,
да земам гумичка со мирис на малина
(ако може да бирам, благодарам),
и да почнам да бришам....бришам...
додека од сите сеќавања не останат само трошки од гумата,
да ги соберам во рака, да ги истурам низ прозорец
со надеж дека нема како во ефтин хорор филм да се спојат повторно
и да ми почукаат на врата.
Ете така сакам...
а како за инает паметам се’, ама баш се’!
Ги паметам сите важни и неважни работи,
сите случувања кои имале,
а и оние кои немале никакво влијание врз мојот живот,
паметам зборови по нивното струење низ телово,
паметам луѓе по мириси,
состојби на умот по бои...
Ужасно ме заморува сето тоа,
ми го притиска черепот
и ме фаќа страв дека еден ден ќе ми напукне, ќе прсне
и ќе го преплави светот со стари и нови телефонски броеви,
ликови од книги и секојдневие, имиња, броеви на регистерски таблички, разговори...
Посакувам да можам сите сеќавања да ги заменам со нови,
старите да ги фрлам како износени чевли, или да ги оставам покрај контејнер,
ако притребаат некому да си ги земе, иако само ќе си ја навлече бељата.
Или уште подобро,
да ги заменам...
да ги ставам во вреќа и да ги истурам во продавница за спомени,
да, старо за ново,
“добар ден...имам спомени, стари и нови,
но, не грижете се, старите се добро сочувани”...
и потоа мирно да прошетам по полици
и во црвена корпа за пазарење да си одберам нови....со доплата, се разбира.
Сакам нови спомени...
сакам такви кои ќе се без тежина, како роденденски балони,
кои ќе светат како очиве кога сум вљубена,
кои ќе шепотат смешни, љубовни стихови...
некои од кои нема да се будам со вресок,
од кои нема да се плашам да заспијам,
спомени од кои нема срцево да ми е згрчено,
а душава како искината пајажина...
Некогаш посакувам да заборавам...
се’ да заборавам,
од сите страни со гребло спомени да соберам,
како суви лисја да ги запалам,
гола покрај огнот да играм,
додека не прегори и последниот...
се’ да заборавам...и на се’ да заборавам...
дури и на себе да не се сеќавам.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска