Ана Бунтеска: Некојпат во “те ослободувам” има поќе љубов од “те сакам”
Љубовта не ти иди со покана
Како кога сватови каниш за веселба
Та стокмен и спастрен седиш на маса и чекаш
За со сите по ред да се испоздравиш
И ко шо е редот
Да се бациш по три пати во образ
Ех, пиле
Љубовта со покана не ти иди
Исто ко смртта
Ете, така ќе си дојди ко ќе и’ текни
Та ти спремен или не, твоја работа
И тогаш знајш оти бељата на глата ја имаш
Оти ништо полошо нема од љубов која боли
Кога тој до тебе не знај шо да прај со тебе
Кога го гледаш дека се обидува, ама не знае
Дека сака, ама не можи
Та со време од болката само жал ти останува
Шо за него
Шо за себе
За се’ шо можевте, а не сторивте
И те боли ко за чоек
Ете, ко ти умира некој близок
Ама полека и разјадуван од болести
Како црвосано јаболко
Како дрво шупливо
Ете така те боли за љубовта
Оти ко чедо си ја имал
Си ја носел во себе и си ја родил
Си ја растел и сега пред очи ти венее
Љубовта со покана не иди
Ниту пак чоек со најава си оди
Оти таму кај шо гледаш оти наместо рози
По вжештен јаглен треба да газиш, замини си
Оти тој пат, крај нема
Ќе газиш дур не ти изгорат стапалата
А и тој бол помал ќе е од оној во душата
Како да се расцепуваш на две
И ниту една полојна арна не е
Како метастазиран канцер
Та не можи да се исчисти и да здравееш
Засечи ваму-на друго место се појавил
Засечи онаму-крај да се немало
Е така душава за тебе
Црна и болна
Та ете од тебе барам да ме пуштиш
Милозлив да си и да ме остајш да си одам
Грев во себе да имаш оти таквите ко мене
Знаат од љубов да се поболат и во телото
Оти исав немам
Усул за доста немам
Зато од мене посилен биди и пушти ме
Ете, поумен биди
Биди поголем од мојата слабост
Оти знајш
Некојпат во “те ослободувам”
Има поќе љубов од “те сакам”
За Женски магазин, Ана Бунтеска