Ана Бунтеска: нема ништо поглуво од молкот на срцето

Добивај вести на Viber

неподнослива е тишината кога срцата ќе занемат

нема ништо поглуво од тој молк

како во гробница

живи закопани

со тела кои пулсираат, чекорат и дишат

засмрдуваат од застоен живот

како лушпи од кожа

под кои клука само болка

и ја растегнуваш кожата во насмевка

ја пипкаш

туѓа е, небаре допираш нешто што никогаш твое

не било

а опстојуваш

и денот го врвиш вака или онака

како на забрзана снимка се менуваат ноќите

сѐ што помислуваш го пушташ низ себе

како од ветар однесено

за да не те болат мислите

како тишината која те дроби

и во умот ти налегнува

во душата ти се вгнездува

и сите зборови ти се како да си ги украл

не се твои

не ти припаѓа нивниот вкус

и убави не ти се

нагорчуваат

и дур се напрегаш да го мириснеш небото

очите со оловно сиво ти се полнат

и течно сребро од нив ти тече

па врескаш колку што гласот те држи

дур’ жилите на вратот не ти испукаат

за да ја распараш тишината

во душата што ти заживеала

оти нема ништо

ништо поглуво од молкот на срцето


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска