Ана Бунтеска: нема поуб’а слика од онаа на среќен чо’ек
да ти заигра душата
да ја олаба’иш ко ремен после најаска
да ја погалиш к’о на мало дете косичето
да ѝ се насмееш к’о на убав лик спроти тебе
да се потсетиш зошто се љубиш
и дека ниту една љубов нема чиста да е
ако онаа кон себе не ја чуваш
ете токму така
да ја чуваш љубовта кон себе к’о рожба
наведната над неа дур’ спие
да ја полеваш со надеж и верба ко ретко цвеќе
да си со неа едно
исто к’о што дишеш така да се сакаш
оти без воздух или без душа, исто е
од едното телото ќе ти умри
а од другото чо’ек во тебе не ќе остане
та бадијала после воздух ќе арчиш
како сениште, како свој да не си
затоа душата пушти си ја
и некој ќеф направи ѝ
ете, збери си убај луѓе крај себе
да ти џагорат и умот со нивните зборо’и да ти се полни
како најуба’та музика да ја слушаш
стисокот на рацете да им го сетиш
и телото да ти се смири ко’ ќе те гушнат
ко’ ќе те стиснат во себе небаре дел од нив си
и кога енергијата нивна во тебе ќе потече
та испуканото внатре ќе се налее со смеа
и ќе цути
нема поуба’а слика од онаа на чо’ек ш’о цути
ш’о душата му пее
ш’о очите му говорат за среќата во срцето ш’о му е
нема поуба’а слика од онаа на среќен чо’ек
кој знае како сам себе да се љуби
како од таа љубов и на другите да дари
без да ја мери и премерува
без да се лакоми или да ситничари
кој од душа ја црпе како од извор непресушен
и колку појќе ја дава
толку појќе душата му се полни
нема
нема поуба’а слика од чо’ек ш’о знае да сака
и кој знае душата да си ја олаба’и
да ја лета к’о дете-змеј
да ја пази к’о момче-девојката
да ја почитува к’о животот-смртта
оти само еднаш на овој свет сме
и само еден ваков живот имаме
а во тој
во тој живи да сме
толку живи ш’о душите ќе ни играат
спокојни
насмеани
среќни
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска