Aна Бунтеска: Нема поуба слика од онаа на среќен чоек
да ти заигра душата
да ја олабајш ко ремен после најаска
да ја погалиш ко на мало дете косичето
да и’ се насмееш ко на убав лик спроти тебе
да се потсетиш зошто се љубиш
и дека ниту една љубов нема чиста да е
ако онаа кон себе не ја чуваш
ете токму така
да ја чуваш љубовта кон себе ко рожба
наведната над неа дур спие
да ја полеваш со надеж и верба ко ретко цвеќе
да си со неа едно
исто ко што дишиш така да се сакаш
оти без воздух или без душа, исто е
од едното телото ќе ти умри
а од другото чоек во тебе не ќе остани
та бадијала после воздух ќе арчиш
како сениште, како свој да не си
затоа душата пушти си ја
и некој ќеф направи и’
ете, збери си убај луѓе крај себе
да ти џагорат и умот со нивните зборој да ти се полни
како најубата музика да ја слушаш
стисокот на рацете да им го сетиш
и телото да ти се смири ко ќе те гушнат
ко ќе те стиснат во себе небаре дел од нив си
и кога енергијата нивна во тебе ќе потечи
та испуканото внатре ќе се налее со смеа
и ќе цути
нема поуба слика од онаа на чоек шо цути
шо душата му пеј
шо очите му говорат за среќата во срцето шо му е
нема поуба слика од онаа на среќен чоек
кој знае како сам себе да се љуби
како од таа љубов и на другите да дари
без да ја мери и премерува
без да се лакоми или да ситничари
кој од душа ја црпи како од извор непресушен
и колку поќе ја дава
толку поќе душата му се полни
нема
нема поуба слика од чоек шо знај да сака
и кој знае душата да си ја олабај
да ја лета ко дете-змеј
да ја пази ко момче-девојката
да ја почитува ко животот-смртта
оти само еднаш на овој свет сме
и само еден ваков живот имаме
а во тој
во тој живи да сме
толку живи шо душите ќе ни играат
спокојни
насмеани
среќни
За Женски магазин, Ана Бунтеска