Ана Бунтеска: Никогаш нема совршено време
Никогаш нема совршено време за љубов,
како да се случува токму тогаш кога не треба,
како спас од дамнешни неизлечени љубови,
или како спас на човек од сам себе,
или токму тогаш кога ќе научиш да си сам,
да си безбеден во тишината и сопствената сенка,
небаре сто животи имаш, па во овој од бол ќе куртулиш.
Никогаш нема совршено време за разделба,
а јас би сакала да е поинаку, ете некој,
некогаш да прогласи дека од 19-21 часот е време за збогум,
дека секое заминување во тој интервал ќе е безболно,
а потоа како во бајките, со волшебно стапче,
сите сеќавања ќе бидат избришани,
небаре никогаш не се случила љубовта.
Никогаш нема совршено време за смрт,
барем јас не сум сретнала некој што ќе рече
“ајде, спремен/на сум, завршив се’ што требаше на земјава”,
па смирено да ја дочека смртта како што и’ доликува,
пречекана со насмев и нагостена,
служена со должна почит и внимание,
небаре за свадба сватови се пречекуваат.
Никогаш нема совршено време за плачење,
или воопшто не ми доаѓа плачот,
како попатно да сум го изгубила некаде,
или ме фаќа среде улица, среде муабет,
па трепкам да одминат солзите, подголтнувам,
се смешкам и дрдорам што ќе ми дојде,
небаре ќе ги убијам во себе, да пресушат кутрите.
Никогаш нема совршено време за “те сакам”,
ниту пак совршено време постои за “ми требаш”
а совршен момент ниту за “во душава си ми” нема,
та мериме, кроиме, се пребројуваме,
времето го колнеме дека не се потрефуваат работите,
и животот завршува дур ние уште го бркаме совршениот миг,
небаре некогаш повторно ќе се родиме во време совршено за се’.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска