Ана Бунтеска: никој толку гревови нема колку што на себе носи полната месечина

никој толку гревови нема

колку што на себе носи полната месечина

како едвај да ја дочекуваме во месецот

за да може да и’ се истуриме

небаре со комшиите за паркинг место се расправаме

и среќа нејзина што е онаму горе

па веројатно и не може да не’ чуе како ја обвинуваме

за ПМС

пост МС

па само МС

за лошотилакот кој во нас се збира

за караниците со мајките

и за оние со децата кои ги имаме

па малку за промашените љубови

(не знам шо видов во него,

ама полна месечина беше!)

за ‘ржењето со сегашните љубови

демек којзнае колку се важни ситните закачки

за тоа дека шефот на глава ни се качува

и дека метежот по улици на нерви ни оди

и така дур тера денот кога кутрата полна е

додека не мине

дур не осамне следниот ден

а потоа некако се заќутуваме

ко издишани

а можеби и малку олеснети

ко да немаме веќе проблеми

иако истите сме од пред некој ден

а и маките не ни се смениле баш многу

ама полесно е вака

да си најдеме виновник

ете барем еднаш во месецот

да има кому да се истуриме

и кучки да сме

оти на полна месечина се’ е простено

оти не ние, ами таа не чини

а потем се’ од почеток

молчи си

до следната топка која озгора се смее

како да се подбива со нас

како да поднамигнува

ама кротко некако

ко да знае дека од немоќ по неа викаме

дека инаку ќе треба слоеви нечистотија

во животите да си изгребеме

и којзнае што под неа ќе откриеме

и не’ остава

дури и ко жал малку да и’ е

дека толку мали и ситни сме

обични набљудувачи на нејзината големина

на нејзината моќ

која нашите слабости ги покрива

а јас

јас само сакам во ваква ноќ пенџере ширум да отворам

вино да си ставам и шармантно да и’ се смешкам


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски