Ана Бунтеска: Ништо во овој живот не научивме
Ги испишавме сите писма
И сите песни на глас ги исплакавме
Изрецитиравме стихови
Одглумивме неколку животи
Под маски кои повеќе не ни се точни
Ама сраснале со кожата низ времето
Та сега ни со нив ниту без можеме
Ги одживеавме сите љубови
Ги одболедувавме сите болки
И стравовите ни минаа
Само пуст нагон за преживување ни остана
Најади се
Пиј
Отспиј
Диши
Издиши
И потем пак отпочеток
Како друго да не ни остана
Заборавивме на смеата
Радоста некаде под креветите ни спие
Во стари куфери спомените мемла фаќаат
А по ѕидовите рецки за секој минат ден
Луѓе машини станавме
Од оние кои за се’ ги бива
И се’ можат да сторат
Ама внатре ниту душа останала
Ниту во ритам на срцето градите ни се движат
Човечноста ја оставивме за подобри времиња
Времиња пусти кои никако да дојдат
Сомилоста ја удавивме во суета
Суетата во очите си ја капнавме
И врви времето
Врви и време и живот
Врват сите вистини
Кои требаше да не’ свестат
Изврвеа и лагите
Од кои можевме да научиме многу
Не’ навјаса уморот
И празниот одек на мислите во умовите
А ние
Ние го навјасавме она што од Бога дадено ни беше
И си ги продадовме душите ко гунчиња
За ич пари
За ич љубов
За ич среќа
За-од денес за утре
Од сега за сега
Дур она УТРЕ закопано ни гние
Ко гробница во која постела ќе си стокмиме
Оти ништо не научивме
Ништо
Ништо во овој живот не научивме
За Женски Магазин, Ана Бунтеска