Ана Бунтеска: ниту ти си да заминеш без мене, ниту пак јас да останам без тебе
А на младост да ме прашаше некој
Каква љубов ќе сакав да живеам
Ќе треснев без мислење
Ама без ич умот да ми проработи
Оти сакам пеперутки во стомакот
Сакам срцето да ми прерипува
Да не можам еден залак да каснам
Без да ми се заглави касајот в грло
Од помислата за него што в гради ќе ми стои
А и вода ко’ ќе пијам
Да се засркнам од срцево по него што ќе тропа
На младост да ме прашаше некој
Што е љубов и каква сакам да ја живеам
К’о прле пред магаре ќе се излетав оти мора да боли
Ѓоамити ако не боли – не е љубов
Демек болката мерило и дразба за уб’ост е
Та ќе везев зборо’и оти нема сон ко’ љубиш
Та месечариш к’о улав по цели ноќи
И колку ти се круго’ите под очи поголеми и поцрни
Толку повеќе го сакаш и не можеш без него
Да ме прашаа на младост љубов што е
Со сиот ум ќе речев оти к’о вљубен си
Мир во срцето немаш
Оти сето време на светов го арчиш во мислите
за саканиот
Ех, пусти години
Млада ко’ бев
Толку млада што баба ми и дедо ми уште живи беа
Та како сега да е, пред очи ми се
Љубовта нивна здодевна ми беше
Таа го вардеше к’о мало дете
Де намести му ја вратоврската
Де чевлите светни му ги
Та ќе го чистеше во костумот од невидливи прашинки
И косата ќе му ја подместуваше
Ко за на бендис да ќе оди
Смирено и без нервоза
Без возбуда
Туку со спокој кој мене здодевен ми беше
А тој пак
Тој пак од дворот трендафил ќе набереше
И горе пред врата ќе ѝ го оставеше
И двесте пати ручекот ќе го пофалеше
К’о компир-манџа првпат во живот да имаше пробано
И ко’ ќе одеше баба ми кај Сајмето за фризура
Знаеше кога пред порти да се курдиса
Со цигарата в рака и да ја чека
Глумејќи оти ете баш тогаш му се присакало
да слезе до долу
Млада ко’ бев
Толку млада што љубов да ми сервираа пред нос,
не ќе ја познаев
Мајтап си играв со нив
Со оние за чија љубов денес велам
Оти имаше корења до центарот на земјата
И не ги разбирав ко’ дедо ми на баба ми ќе ѝ речеше
„Абе Марика
Ниту ти си за да заминеш без мене
Ниту пак јас за да останам без тебе“
И така беше
Таа не замина
Ниту тој без неа остана
Туку нему ракот градите му ги изеде
А таа остана однадвор уб’а, а внатре тагата да ја јаде
До дента ко’ пишано ѝ беше
И тогаш младоста ми умре
Ми умре идејата за љубовта што ја имав
И ниту повеќе болка во неа барав
Ниту пак сакав пеперутки кои в стомак вијат
Оттогаш во љубовта спокојот го барам
И чо’ек кој без мене нема да замине
Ниту пак јас без него ќе останам
Чоек без кој јас нема каде да имам да одам
А ниту нему без мене ќе му се останува
К’о нив
К’о нивната реч
К’о нивната љубов
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски