Ана Бунтеска: Од другата страна на ѕуницата
Отаде, отаде велат магија дека има,
дека треба да се изоди цела,
и дури онаму, на другиот крај,
има грне злато и многу среќа,
дека ете, некој знае некого,
а тој некој, пак некој друг,
некој кој така стасал до оној, другиот крај,
та се усреќил и опарил за цел живот.
Како дете првпат видов ѕуница со баба ми,
паметам како ја влечев за рака, да побрзаме,
небаре ене каде е, небаре окото и чекорот исти се,
та ти се чини дека за час до неа ќе стасаш,
оти така убава и полна светлина, полна бои,
ете таква тогаш, како дете ми се виде,
накитена како жена пред љубовник дур се токми,
напрчена со сиот свој сјај, предизвикува и мами.
Ѕуница, ѕуница, викав на сиот глас,
грне злато, многу среќа, многу, многу среќа,
ене ја, ама ако подзамижам со едното око, еве ја,
со малото прсте веќе до неа стасав,
ѕуница, ѕуница, врескав возбудено,
јас ќе ја најдам, ќе и’ го најдам крајот,
и таму ете мене ќе ме чека магијата,
оти во умот детски се’ е само приказна.
Одамна не бркам ѕуници,
сега го сакам дождот сам по себе,
одамна грне злато во ќумурчиња претворив,
ниту пак среќа ми треба,
ама мир немам, мир во душава не ми остана,
раздадов многу од себе, наоколу и без усул,
дај парче од срцево ваму, ах, еве и за ваму имам,
та сега празно ми бие во градиве.
Ѕуница, ѕуница, уште гласот си го сонам некогаш,
па пак, во сонот радост ме фаќа
и се гледам како трчам, дур во ушите ветар ми фучи,
како срцево во грло силно ми чука
и еве ме, стасувам, на земјата вриеж од бои,
и од сите златни парички распослани, зелено стакленце само земам,
та во сонот до големата заспана Ана го ставам, небаре мир со љубов и’ давам,
за лека ноќ, за добро утро, за срцето да си го залечи, за во старост ѕуници да бара.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска