Ана Бунтеска: Од иста планина два извори
Од иста планина два извори
Еден до друг поставени
Та од едниот водата удолу се слева
Радосна ко оро да вие
Чиста и бистра ко солза детска
Прозирна за небото во неа да спие
А питка...
Питка чиниш нектар на усните имаш
Од кој жедта полека и од сласт ти стивнува
А другиот...ех
Од другиот водата оздола угоре оди
Ниту рипче, ниту камче окото ти фаќа
Густа како масло заборавено в тавче
Заматена како талог од кафе размешан во филџан
Ниту за гледање, ниту за пиење арна
Та ти се чини оти попрво од уста сува би умрел
Отколку низ грлото да ја пуштиш
Од иста планина два извори
Еден до друг на една педа
И се чудиш
Никако во глата да ти се избистри
Како е можно толку различни да бидат
Небаре од два света водата иди
Едниот, полн убости и смеа
Како восклик за живот вечен
А другиот црн и тежок пекол
Како тажачка за смрт
Та наеднаш се сепнуваш
И како магла од пред очи да ти се крева
Та си велиш оти исто ко кај луѓето е
Од едно место се’ извира
Мисла полна чоештина
И мисла полна црнила
Од едната само арнина се раѓа
Од другата дупка за гроб се копа
И знаеш дека секој чоек ко планина е
Од која два извори течат
Едниот полн љубов и милост
И колку посилно течи
Толку повеќе медовина има
Другиот полн лошотилак и пцости
И ако не го соприш со време
Наназад ќе течи и душата ќе ти ја удави
Оти секој еден од нас планина е
И кај секој од нас два извори има
Та чоек треба моќен да е
И да го пресуши оној кој ништо арно не носи
Во кој ниту рипче плива, ниту камче има
Ниту небо се огледува, ниту песна се слуша
Оти ниту една планина не ќе додржи
Од неа матен извор да блика
И ниту еден чоек не ќе додржи
Во него отров да се збира
Од една планина...само еден извор
Од тебе...само љубов, само љубов