Ана Бунтеска: Одамна
Одамна не носам накит
ниту шапки
не носам високи потпетици
ниту часовник носам
oчите ми се единствен украс
црвена ја бојосав косата
често боса шетам дур ми ѕемнат прстите на нозете
а со времето расчистивме дека не си се допаѓаме
oдамна не зборувам многу
ниту гледам телевизија
не читам весници
ниту пак сакам да прераскажувам шеги
се’ што имам да кажам во погледот носам
луѓето ги гледам за да ги видам
читам меѓу редови и туѓи мисли
ја зборувам вистината и тогаш кога ми носи бол
одамна го заклучив срцето
како модерна блиндор врата со четири вртења на клучот
oдамна насмевката ја ставам наутро и ја вадам навечер
како секојдневен ритуал со шминкање
одамна плачам во себе
небаре брана кај грлото имам ставено
oдамна не знам што со сите овие чувства
во кој подрум да ги ставам, за случајно да не затребаат
oдамна името ми изгуби значење
оти во моите три букви има еден цел шарен свет
одамна
но толку многу одамна
што веќе не знам ни дали сум сонувала
паметам дека имав крила
со меки, нежни пердуви
на допир воздушести
како облаците да ти легнале на дланка
како кога од милост душата ти се распаѓа
мирисаа на чисто
на безгрешност и љубов
но
тоа беше толку одамна
што навистина не сум сигурна дали воопшто ги имав
одамна плешките ме болат
ми крварат на исто место
ми пулсираат раните
душата чиниш низ нив ми излегува
и некогаш, кога успевам да заспијам
има утра
кога ми мириса на детство
За Женски магазин, поетесата Ана БунтескаФото: Стојан Стојановски