Ана Бунтеска: осмиот ден
Велат дека и Господ пред љубовта молчи
оти нема сила поголема од неа
ниту засек поболен од сечилото нејзино
нема солза потешка од онаа која се пушта
кога љубовта меѓу двајца умира
к’о чо’ек да закопуваш
така боли
та во душата гребе
к’о засек кај градите да си правиш
и ковчињата кроце си ги кршиш
како прачки да се
к’о твои да не се
и срцето си го вадиш
во кутија со црвено кадифе го ставаш
полека...нежно
како веќе да не е доволно мртво
и го закопуваш некаде кај што нема да паметиш
трагата да ја загубиш
и не клаваш плоча
ниту знак некој
барем на врвење цвеќе едно за да ставиш
велат дека и Господ пред љубовта молчи
а јас
иако верник не сум
некако убаво ми е кога ќе чујам така
па го замислувам како мудрец од книгите
и ми иде кај нозете да му седнам
и да го замолам
само една желба имам
да може осми ден да направи
само за нас двајца
не знам како
не знам ниту дали ќе се нафати
ама нека е во некој друг универзум
во кој тој, осмиот наш ден силно ќе свети
и ќе биде твој
и мој ќе биде
во кој време ќе нема
ниту солзи
ниту осамени мисли
ете, на тој наш осми ден
промоција на книгата ќе правев
и ти до мене ќе стоеше
горд
со раката на рамото мое
и со својата, мојата од трепет ќе ја спасеше
ќе беше тука
покрај мене
онаму местото кај што ти е
покрај љубовта
мислиш дека би сакал?
мислиш дека ако го замолам би можел?
дека ќе се нафати за нас осми ден да создаде
или пак, ќе ни се потсмева
оти во седумте не се најдовме
а сепак
јас сепак би сакала
барем еднаш, за крај
ти и јас наш ден да имаме
осмиот ден
во кој нема да има ништо друго
освен ти
до тебе јас
и тишина
само тишина меѓу нас
За Женски магазин , поетесата Ана Бунтеска