Ана Бунтеска: Оти без љубов не бива

Добивај вести на Viber

ко ќе изградиш замок

та со купишта камен срцето ќе си го покриеш

демек така заштитено ќе е

оти со годините и тоа подостарело

па не трпи ниту удари

ниту пак лузните заздравуваат ко некогаш

ете како пред дваесетина години

кога со смеење само се лечело

а сега

сега ниту да се смее знае

и не слуша кога го тешиш

ко оглувено да е

ко немо и ќоро

ко и самото да не знае што со себе

па те моли да го чуваш некако

ете дури и не е грев во камен да го оковаш

и себе и него да го спасиш

та се тешиш оти и без љубов се живее

вака-така ќе се тера животот

и со тек на време ќе се научиш сам да си

и нема ни да ти пречи тишината

дур на сон не ти дојде сеќавањето за љубовта

и беља ти направи

та се будиш растреперен и збунет

а тоа штракалото во градите чука ко на трка да си бил

и во устата ти горчат сеќавањата

а џабе јадеш и пиеш кога низ денот вкусот ти останува

и ко болен си

ко пола чоек

ниту за себе ниту за другите арен

и си гледаш онаму долу, кај срцето

и жал ти паѓа

па замокот го рушиш и камењата ги тргаш

дур не ти прокрвари од под ноктите

дур прав не ги сториш

и си го оставаш кутрото да дише

оти знае

оти знаеш

не ве бива сами

не ве бива без љубов

не ве бива


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски