Ана Бунтеска: оти двајца к’о две лица од едно паре треба да се

Добивај вести на Viber

Ги подгревам старите огно’и

Од кои некогаш коските си ги топлевме

И врз нив полни казани љубов готвевме

За да црпиме со лажици и алчно да сркаме

Ко храна со веко’и да немаме видено

Дур’ од жештината јазиците не ни отрпнаа

Та сега к’о туѓо месо во устите да имаме

И зборо’и кажуваме без да се разбереме

Погледни

Погледни кај ми гори

Каде во душава старата болка ми вие

И телово ме дроби к’о болест да ме навјасала

К’о иљач никаде да не се наоѓа

Та со сиот неспокој од мисливе

Одбирам една и претам со неа

Низ јагленчињата во утробава

Што тлеат сѐ потивко, до умирачка

Обидувајќи се да те разгорам

Да разбаботи крвта во мене

Како старото огниште сред зима

Со мирис на дрва и печени костени

Каде што во совршена тишина љубов водевме

Со екот во градиве како кога врескаш од врв

на планина

Дур’ ја вдишувам светлината од твојата зеница

Собрана во три капки црна боја

Во која уште се задушувам небаре солено море

изголтав

Никако да заборавам на сите ѕвезди

Кои несимнати ти останаа

И горе на небо во ноќта истинаа

Од пуста алчност да ме пазариш за три гроша

Абе пиле

Уб’о велеше баба ми

Два конци сам по сам

Ни едно рало чорапи не шијат

И од влажни дрва во печката топлина не бива

Од скршена чаша ни отров не се пие

Од љубов замината душа не векува

А јас улава к’о што ме дал Господ

Со гла’та в ѕид да се мавало

Небаре после стотина пати

Ѕидот ќе се сожали и сам ќе се урне

Не бива

Не бива сам чо’ек да е

Ама и не бива скинат конец на по’еќе места

Ниту бива снагата да ти се тресе од љубов-нељубов

Синкир не е вистина она дека без секој се може

И дека само без себе навистина сам остануваш

Уб’о, уб’о велеше баба ми

Оти двајца к’о две лица од едно паре треба да се

Ама пусто

Ние двајцата излеговме две париња без лице и без грб

И ни истинаа и постелата и огништето

Исто к’о што телата ни се ладат секој ден по малку

Дур’ еден ден и нив со земја не ни ги покријат

Како ние двајца љубовта

Како огништето што во пепел самува

Како душите

Како твојата

Како мојата


За Женски магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски