Ана Бунтеска: oти сме само улави и тажни

Добивај вести на Viber

Ги протнавме деновите крадешкум

како конец низ иглени уши

та боцкавме на чисто платно

демек да везeме и двајцата знаеме

улави

улави, тажни луѓе

се уморивме и себе и платното

како да знаевме што правиме

како да имавме слика какви заедно ќе сме

ништо

ништо не живеевме ти и јас

ниту еден ден раат не видовме

ама пусти страв со друг дека ќе одам

и дека ти кај друга гнездо ќе свиеш

па се лажевме еден со друг

а најмногу себе, без усул

си се прелажавме к’о дете со играчка

од оние тропалките кои светкаат

таму очите ни беа

во огледалото пред кое стоевме

наместо еден кон друг да се свртиме

и во очите да си погледнеме

за да видиш дека сјајот во моите од солзи е

и јас да видам оти околу усните горчина имаш

а не смејалчиња, к’о што мислев

улави

улави и тажни луѓе

душите си ги продадовме за лажна среќа

за пет банки со кои сега сон не можеме да си купиме

за мигови полни воздишки и трепет

ете затоа душите кај ѓаволот ни се

и ниту еден со друг се имаме

ниту душите ни останаа

од алчност

од пуста алчност за „сега и веднаш“

ниту сега тука сме

ниту веднаш ќе се сретнеме

улави

колку улави и тажни луѓе сме

изгризани од времето кое не поминува

отапени од болка која на плеќи ја носиме

оглувени од тишината меѓу нас

ослепени од сите лица меѓу кои не се гледаме

крајот не ни се гледа

ни за со други сме

ни за сами

а после сиот пустош најмалку еден за друг

ни ваму – ни таму

ниту во денот среќни

нитu во ноќта мирни

со проклетството што врз себе го носиме

и еден на друг си го дадовме

како невеста чеиз што дарува

во бела свила

стокмен и светол

како нов живот

а ние нашите и на старост уште ќе ги бараме

оти сме само едни улави

улави и тажни, многу тажни луѓе

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска