Ана Бунтеска: оти убо ти е

Добивај вести на Viber

ете, ќе се заљубиш

ама ко по книга

прописно, со сите симптоми

не јадеш, не спиеш, не паметиш ништо

и среќа што главата на рамена ти е

оти и неа ќе ја заборавиш некаде

и колку повеќе за никаде си

толку поубава стануваш

очите ти светат, усните насмеани ти седат

треперливи ти се рацете и одот ист не ти е

ко што велеше баба ми за комшијата

„од љубов, чурук се стори

го изеде пустата, ликот му се смени на човекот“

така и ти, чурук стануваш

и срценцето друг ритам ти фаќа

та ти се чини дека дур’ чука името му го потпевнува

и душичето некако ти се олабавува

па ко ќе вдишеш

гледаш колку воздух во градите ти собирало

и убо ти е иако к’о свеќа се топиш

се тенчиш небаре на диета си

дур’ не почне мајка ти да ти вели

оти уште малку и проѕирна ќе станеш

ама тебе од едно уво ти влегол муабетот

а од друго излегол без да сетиш

и се смешкаш ко улава

к’о дете на шарена играчка

така на денот му се радуваш

и ти доаѓа да си седнеш на клупа

и цел ден да кинеш венечни ливчиња од цвеќиња

па дур’ броиш ме сака-не ме сака

иле да си правиш оти ќе ги местиш на „ме сака“

ама ич мува не те лази

оти толку убо ти е што дури и не зборуваш за него

туку љубоморно секоја мисла во себе ја чуваш

храна ти се и замена за сон

и цапаш во длабокото

до гуша, ама со душа

без да му ја мислиш дал ќе испливаш

ако нештата наопаку тргнат

и без да се двоумиш дали треба да сопреш

за малку мозок да вклучиш

дека ете, возрасна и мудра си (!)

к’о со староста наместо срце

кантар во градите да ти се вгнездува

и затоа цапаш

без усул

без страв

без разум и ум

без лоша мисла

а во себе крадешкум се помолуваш

за да не се поболиш (и да ти е чкртнато да патиш)

и со сета сила тераш к’о по жив песок да одиш

без усул

без страв

без разум и ум

без лоша мисла

оти убо ти е

убо ти е


За женски магазин, поетесата Ана Бунтеска