Ана Бунтеска: ова не е песна за љубов
не е ова песна за љубовта
ова е песна како да ја преживееш
како после неа умот здрав да ти остане
и срцето да не ти се изрони толку ситно
што нема да може ништо да го залепи
за да пумпа колку-толку
да тупне доволно за да дишеш
и за да можеш да издишеш
не е
не е ова песна за љубов
ич не е таква
ова е песна за како сила да збереш
за сабајле да се разбудиш
и од кревет да се извлечкаш
без да имаш умор ко цела ноќ да си орала
и насила шминка на лицето да ставиш
да заличиш ко да не ти е гајле
да ја намонтираш насмевката
и да се трудиш цел ден да ја задржиш
ова е песна за да се сетиш
да се опоменуваш дека жива си
дека можеш да се движиш
и да говориш можеш
дури и некоја шега да кажеш
иако очите мртви ти се
со црни кругови под коректорот
кој полсаат го мачкаш за да се сокриеш
и да глумиш дека ништо не ти е
дека лошото е кон крајот
и дека после дожд сонце доаѓа
иако твоето е изгасено
или пукнато како стара сијалица
ама немаш воља за да ја смениш
за повторно да ти засвети денот
ова не е песна за љубов
ова е песна за она после неа
како фотографии после војна
разрушено и пусто
со купишта расфрлани тела
и многу бол и јад
кога душата низ пустош ти шета
и се обидува да најде нешто што ќе ја оживее
нешто, било што
за да пркне
за да ти гукне
да ти проговори
еве дури и за да се исплаче
да олесни
да здивне
ова не е песна за љубов
ниту за тебе е
ниту за мене напишана
ова е опело за она после неа
за пустошот после нејзиниот погреб
ова
ова не е песна за љубов
За Женски магазин поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски