Ана Бунтеска: Патот на срцето
долг е патот до она што на срцево му треба
со чувство дека колку подолго одам
толку подалеку целта ми се чини
ете така некако се погоди овојпат
долго да се врви патот до убоста
та секое камче, ко планина го одам
и секое утро како поуморна да сум
а ноќите кратки ми се
како за час да поминува сонот
и еве ме
повторно со торбата на рамо
со врзопот полн убави желби
и правливи чевли кои брзо се кинат
со насмев на лицето и верба
со очи полни надеж дека
не ќе одам уште многу, уште долго
еве ме
и ене ме
зад свиокот од уште еден поминат ден
како вечен патник кој не застанува
и кој се плаши дека ако сопре
никогаш повеќе никаде нема да киниса
па се тера себе да продолжи
оти само така умее
и само така знае
а долг е патот
долг е патот до спокојот кој го барам
и до твојата топла прегратка
до шепотот дека готово е, дома сум
дека конечно стасав онаму каде што треба
каде што срцето мирно ми е
и душата на свое е
онаму каде што сите мириси ги знам
од некој минат, а убав живот
и вкусовите на непцево
скокоткаат од среќа
еве ме
и ене ме
тука и таму
онаму и ваму
како вечен патник кој не се откажува
и кој знае колку брзо животот минува
кога патуваш осамен по патот на срцето
кој знае колку е долг, долг патот до тебе
За Женски магазин, поетесата Ана БунтескаФото: Стојан Стојановски