Ана Бунтеска: Писмо
Писмо ти пишувам,
на хартија во боја на есенски лист
ете, на хартија зборови ти постилам,
со парфем оддалеку ги прскам,
ги припремам како чеиз,
со злато и срма ги украсувам.
Долго писмо ти пишувам,
душава на парче хартија ти ја нудам,
со убав ракопис го везам,
и со солза го потпишувам,
на срцево го притискам,
невидлив отпечаток да оставам.
Ти ги давам сите неизречени мисли,
оние од кои се срамев и бегав,
оние кои ме болат,
мислите кои во глава ми роварат,
обоени во сите нијанси меѓу црно и бело,
осветлени од полна месечина.
Со ноќи ти пишувам,
помеѓу два дима од цигара те одболедувам,
пишувам дур надвор се разденува и стемнува,
телото со глад си го измачувам,
врз хартијата животот ми одминува,
додека од мене мастилава љубов истекува.
Писмо ти напишав за последен пат,
долго и мачно,
во него себе се ставив,
ти се покажав, соголена и ранлива,
во писмо ти се дадов,
оти поинаку не ме посака.
Испразнета од се’,
уморна и тажна,
со чаша вино во раката,
а меѓу прстите дур цигарата ми чади,
длабоко вдишувам и во градите го задржувам
мирисот на изгорена хартија.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска