Ана Бунтеска: Полноќни приказни
“Нацртај круг, црвен...
Нацртај црвен круг...и погледни се себе во него”– велиш,
“црвен како твојата љубов,
а околу него нацртај уште еден и обој го во зелено,
нека биде зелен како тревата во која лежиш,
која те милува и мириса на твојата душа”…
“Но, јас не знам да цртам кругови”– немоќно велам,
“Никогаш не бев научила да цртам кругови...
но, знам агли...кои бодат, кои ја бојосуваатмојата болка” – шепотам.
“Смири ја раката...не е тешко да се нацрта круг!
Ана...нацртај ми круг”– одлучно велиш.
Го спуштам погледот на моите дланки...
уморни се, бледи и безживотни...
Со голема тежина ги кревам...
Рацете ми треперат...ми тежи секоја клетка во нив...
Ја земам четката, ја натопувам со топлината на црвеното и...
Знам да насликам круг!
Совршен, црвен круг....кој мириса на шумски јагоди.
“Сега вдиши Ана”– велиш...
“вдиши длабоко, вдиши ја бојата на кругот”...
“Сум заборавила да дишам”...плачливо изустувам
“сум заборавила...да...вдишувам”…ме печат солзите.
“Ана, вдиши го црвеното...вдиши ја својата љубов” – нежно ми говориш...
“вдиши...и дај ми да го видам зелениот круг”...
Чувствувам страв...немир...болка...
Полека вдишувам...градите ми се шират, ми се полнат...
Мирис на јагода, слобода...која ме пече и оргазмично ме заведува...
ја земам четката...ја нурнувам во зеленото...и цртам круг,
зелен круг на мојата слобода која сосем нежно ја обвиткува црвената.
Дишам во кругови....љубам во кругови....
во моето црвено и зелено...
во боите на мојата душа....во боите на ЈАС....додека твојот глас слика круг во моето срце.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска