Ана Бунтеска: Посакувам да...
Посакувам да мирисаш на дожд,
ете така некако сум замислила,
дека кога би можела да те вдишам,
со очи затворени и срце ширум отворено,
на дождовни капки ќе мирисаш,
исто како нив по телово ќе ми се слееш,
а јас само ќе се насмевнам за добредојде.
Посакувам низ утробава да ми пробуричкаш,
да ми се стега и опушта матката од копнеж,
да ми се вгнезди твојот глас во умов,
една топла воздишка да сместам зад увово,
зад свиокот на вратот бакнежот да ти го носам,
во окото отсјај од мојата страст да ти залепам,
а ти само да ми се насмевнеш за добредојде.
Посакувам да бев помлада и помудра,
иако едно со друго не бива, не потсмевај ми се!
но, сакам поубава за тебе да бев,
а помудра за да знам како до тебе, а да не згрешам,
ама ете, таа сум што сум, не престара и не премудра,
плашлива дур ти пишувам и вака пред тебе се слекувам,
дур ти, читајќи ме веројатно само се насмевнуваш.
Посакувам да знам што мислиш и што посакуваш,
во кој ритам ти чука срцето дур чекориш во ноќта,
дали ти се стега душата дур миговите во себе ги заробуваш,
кои мириси на детството те потсетуваат и солзи во ќошот од окото ти мамат,
дали би ставил црвено и зелено во твоето црно-бело,
би одвоил ли за мене барем една мисла во главата,
или ете, би направил ли во себе малку место за мојата насмевка?
Посакувам... многу нешта кога на тебе мислам, посакувам,
како мало дете со носот залепен на стакло пред продавница за бонбони,
во очите шаренила ми светат, цел спектар од бои,
а на јазикот вкусови од сите мои желби,
ах, еве ја малата Ана во мислите со тебе како танцува,
и дур на усните насмевка ми се раѓа,
со овие расфрлани зборови те мамам...насмевни се.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски