Ана Бунтеска: Постела полна тага

Добивај вести на Viber

Нема ништо потажно од празна постела

Во која чоек до тебе има

И дишењето му го слушаш

Рамномерно и кротко

Ама пусто ко туѓинец да е

Ко до тебе никој да нема

Та ја пушташ раката

Колебливо и полека

И допираш тело

Кое може сечие да биде

Топло, ама тебе на прстите студено ти е

Оти тој, чоекот до тебе

Не е веќе твој

Ниту сенките на жешкиот асфалт

Споени ви се како некогаш

Кога едно сте биле

А меѓу вас смеа имало

И на среде ноќ тага те фаќа

Како некој за гуша да те држи

И да ти има на градите стапнато

Со сета тежина навалено

И плачеш однатре

Оти однадвор солзи немаш

И не знаеш дал себе се исплакуваш

Или љубовта која меѓу вас била

А си заминала без збогум да каже

И утрото кога ќе осамне

Стануваш тивко

Стануваш со страв да не те сети

Како бегаш од она место

На кое едва си чекала со него да се најдеш

Та набрзина се потспремаш

Колку без ич да не е

На прсти излегуваш без да заклучиш

И ти олеснува

Дур не ти текне дека ќе мора да се вратиш

Додека еден ден храброст не собереш

Да си заминеш без шубе да ти е

Со крената глава

И чевлите на нозе наместо в раце да ги носиш

Со врзоп спомени

Во кои место за огорченост ќе нема

Та седнуваш на припек

И ништо не ти пречи

Ниту луѓето кои зачудено ја гледаат жената

Која со себе само тага носи наместо чанта

Ниту горештината

Од која ти се чини дека не можеш доволно воздух да земеш

Ниту пак помислуваш на него

Дали ќе те побара дур се буди

Или дали знае оти од него бегаш

Ништо не ти пречи

И на ништо не мислиш

Освен на таа постела

Во која тагата спие

После тебе, после вас


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска