Ана Бунтеска: Предзнак

Добивај вести на Viber

Се стуши денот пред твоето доаѓање

Како предзнак кој го ишкам

Небаре мува досадна на лето е

Иако небото сите знаци ги даде

Оти на арно не ќе биде

Та облаци тешки се собраа

Во боја на маглив ноември

Згуснати и полни дождовни капки

Кои едвај чекаа да се истурат врз градот

Ете токму така беше

Денот наеднаш ја изгуби радоста

И светлината се прекрши меѓу две мисли

Кои дишеа во страв и исчекување

Та нешто во мене почна да ѕенѕа

И ми замириса на самотија

Чиј вкус ми е добро познат

Ама ајде, си реков

Само така ми се причинува

Оти секојпат чекањето тежина создава

Синкир прво или последно ќе е

Па почнав сосила среќа да глумам

Чунки велат оти ако доволно долго себе се лажеш

Лагата вистина ќе се стори

Се стуши денот

Оној во кој требаше да дојдеш

Оној во кој требаше со мене да бидеш

И ако имавме к’смет

Со ниет за да останеш

Ама ете денот измина

И многу денови потоа изврвеа

Ниту дојде

Ниту пак јас те побарав

Како така да требало да биде

Само небото остана со боја оловна 

Иако сите велат оти сончево е

И дека пеколни горештини фатија

А јас ништо повеќе не сеќавам

И некако сеедно ми станува

Иако ми седат облациве на раменици

Темни и тешки

Како никојпат да не ќе ги однесе ветрот

Како да ќе останат... во мене, со мене


За Женски Магазин, Ана Бунтеска